Здравствените власти во Мексико регистрираа нови 64 случаи на заболени од новиот грип со што вкупната бројка на заразени е 840 луѓе.
Бројката на лица починати поради тој вирус е 26. Последниот смртен случај е од 29 април. Вирусот инфицирал подеднакво - имажи и жени, изјави на прес-конференција министерот за здравство Анхел Кордова.
Поголемиот број на инфицираните се на возраст меѓу 20 и 39 години. Зголемувањето на бројот на заразени се должи на доцнењето на резултати од анализите за сомнителни случаи. Властите сметаат дека епидемијата се намалува.
Од утре трговските објекти кои беа затворени повеќе од една недела повторно ќе бидат отворени.
Министерот за финансии објави дека досега свинскиот грип ја чини државата 2,3 милијарди долари. Владата ќе обезбеди 1,3 милијарди долари финансиска помош претежно за малите претпријатија и туристичкиот сектор.
ВО САД РЕГИСТРИРАНИ НОВИ 403 ЛИЦА ИНФИЦИРАНИ ОД ВИРУСОТ Х1Н1
Според најновите податоци на Центарот за контрола и превенција од болести (ЦДЦ) во САД потврдено е дека нови 403 лица се заразени од новиот грип од типот А.
Засега вирусот Х1Н1 е регистриран во 38 американски сојузни држави. Експертите од ЦДЦ на почетокот на епидемијата најавија дека очекуваат новиот грип да се прошири во сите 50 американски држави. Научниците, исто така при појавувањето на вирусот Х1Н1 оценуваа дека вирусот ќе биде смртоносен, но според најновите податоци истиот е помалку патоген.
Американскиот секретар за здравство Кетлин Сибелијус денеска изјави дека вирусот на новиот грип Х1Н1 е помалку опасен отколку што изгледаше кога се појави.
- Преземена е агресивна и соодветна акција за да се справиме со новиот вид на вирус. Ќе продолжиме забрзано да работиме на производството на вакцина, рече Сибелијус.
Таа истакна дека според сегашните податоци изгледа дека вирусот е со многу ниска патогеност отколку кај првите забележани случаи во Мексико.
СЗО - НЕМА ДОКАЗИ ЗА ШИРЕЊЕ НА ВИРУСОТ Х1Н1 ВО ЕВРОПА
Светската здравствена организација нема докази за ширење на нивиот грип од типот А на ниво во Европа, изјави денеска во Женева вршителот на должност помошник на генералниот директор на СЗО, Кеиџи Фукуда.
Тој наведе дека во двете европски држави - Шпанија и Велика Британија каде има најголем број на заразени луѓе со вирусот Х1Н1 не е забележено ширење на заразата. Во Шпанија најголемиот број луѓе заболеле на патување.
Научниците наведуваат дека вирусот по се изгледа не е посмртоносен од вирусот на обичниот грип кој се јавува во студеното време.
ФАО - НЕМА ДОКАЗИ ДЕКА ВО СВИНСКОТО МЕСО ГО ИМА НОВИОТ ВИД НА ГРИП
Опасноста вирусот на новиот грип H1N1 да се најде во свинското месо и производи од тоа месо е „целосно занемарлива“ што значи дека тие може да се конзумираат, соопшти денеска Агенцијата на ОН за храна и земјоделство ФАО.
Главниот ветеринарен функционер на таа организација Џозеф Доменек потврди дека досега не се случило во свинското месо или производи од тоа месо да биде пронајден вирус на грип кој напаѓа свињи.
Дваесет држави досега забранија увоз на свињи од земји во кои е регистрирано заболување на луѓе од новиот грип.
ФАО и СЗО препорачаа екстра мерки за внимателност при директен допир со животни пред се носење заштитно одело. СЗО смета дека мртви свињи не се никаква опасност бидејќи вирусот H1N1 не може лесно да зарази луѓе и е со многу ниска патогеност како за луѓето така и за животните за разлика од вирусот на птичјиот грип H5N1.