
Но, фановите на Мекларен се надеваа дека по четвртото место на Хамилтон во Бахреин следуваат подобри денови за "Сребрената стрела" и дека тоа е прв чекор на промена на подобро. Хауг не верува во тоа и вели дека работите не изгледаат добро за Барселона.
"Немам впечаток дека има некое драматично подобрување на работите. Ако кажам дека ќе се мачиме, тоа не значи дека сум пророк", вели Хауг за германските медиуми.
Мекларен е еден од ретките тимови кои не воведува голем број промени во Барселона, а имаат и лош скор на патеката во Каталонија победувајќи само еднаш во последните 8 години. Тие исто така потфрлија во тестирањето пред стартот на сезоната, кога Хамилтон и Ковалаинен беа последни на првите два дена тестирање.
БМВ БЕЗ ГОЛЕМИТЕ ПРОМЕНИ ВО ШПАНИЈА
Уште еден силен тим од лани има лош старт на сезоната. Од БМВ признаваат дека нивната верзија на т.н. "двоен дифузер" нема да биде подготвен за време на Шпанското ГП, и дека решиле да не го воведат како дел од новиот аеродинамички пакет.
"Подготовките за аеродинамичкиот пакет за Барселона траат подолго време, така што воведувањето на двоен дифузер не би помогнало многу", вели шефот на тимот Марио Тајзен.
Откако лани во поголемиот дел од сезоната беа израмнети со Мекларен и Ферари, БМВ во својата четврта сезона како сопственик на тим оствари само еден пласман на подиумот во првите четири трки.
Од БМВ исто така велат дека за првпат оваа сезона двата болида во Шпанија нема да го користат КЕРС системот. На претходните трки Ник Хајдфелд возеше со КЕРС, додека Роберт Кубица поради неговата тежина ја возеше само на трката во Бахреин.
РЕНО СЕ РАЗОЧАРАНИ, НО ВЕРУВААТ ВО ПРОГРЕС

"Секако дека сме разочарани од стартот на сезоната. Кога пристигнавме во Мелбурн очекувавме далеку повеќе. Но, тимот веќе реагира и мислам дека ќе можеме да направиме прогрес многу бргу", вели главниот инженер на тимот, Пет Симондс.
Ниту Фернандо Алонсо, со два поена досега, не е голем оптимист пред својата прва домашна трка.
"Ќе биде многу тешко да се бориме за подиумот, но се надевам дека со добри квалификации ќе имаме солидна трка", вели Алонсо.