Уапсен е убиецот на 21 годишниот скопјанец Фати Зумбери. Полицијата го сомничи 26 -годишниот скопјанец Суад Халимов дека вчера во парк шумата Гази Баба со нож го убил Зумбери.
Според МВР причина за убиството е долг од 17.000 денари, кој Суад го должел на Зимбери и уште двајца негови другари. Сите четворица се договориле да се сретнат вчера во 18.15 минути во парк шумата, за да разговараат за долгот.
- Осомничениот Суад.Х. во парк шумата Гази Баба се сретнал со лицата Р.К., З.Д. и З.Ф., кои ги знаел од претходно, а на кои им должел околу 17.000 денари. Меѓу нив настанала најпрвин вербална расправија која набргу преминала во физичка пресметка помеѓу С.Х. од една страна и Зумбери Фати, Р.К. и З.Д. од друга страна. Во еден момент С.Х. успеал од џебот да извади нож со кој со еден удар му нанел убодна рана во пределот на градите на Зумбери, по што се дал во бегство. Од страна на неговите другари Зумбери веднаш бил пренесен во ГОБ Скопје каде од страна на лекарите била констатирана смрт - вели Иво Котевски, портпарол на МВР.
По инцидентот, Зумбери од страна на неговите другарите бил пренесен во градската болница, каде што била констатирана смрт, додека Халимов веднаш побегнал од местото на убиството.
Полицијата го пронашла и уапсила синоќа околу 20 часот во близина на ОУ Тефејуз, кога осомничениот се обидел да се сокрие од една во друга куќа кај свои роднини.
При претресот кај него бил пронајден и ножот со кој се претпоставува дека е убиен Зумбери Попладнево Халимов беше изнесен пред истражен судија.