-->

Ќе почекаме до 16 мај за селектор


Иако спортската јавност очекуваше денеска да се чуе името на новиот македонски селектор ФФМ на 16 мај ќе одлучи кој ќе биде наследник на Катанец. Одлучено е и за цената на билетите против Норвешка и Исланд.

На денешната 31 седница на УО на ФФМ беа донесени неколку одлуки меѓу кои и пролонгирањето на конечната одлука за новиот македонски селектор.

„Конечната одлука за наследникот на Сречко Катанец ќе биде донесена на следната седница на Управниот одбор (УО) на ФФМ, која ќе биде одржана на 16 мај“, соопшти попладнево Федерацијата на официјалниот интернет сајт.

Управниот одбор го овласти претседателот на ФФМ, Хари Хаџи-Ристески да разговара со сите кандидати за селектор на националниот тим кои доставиле кандидатура до Федерацијата или тоа ќе го сторат до 14 мај.

Одлуката за избор на нов селектор беше на дневен ред на денешната седница на раководството на ФФМ.

Како потенцијални кандидати за нов селектор од македонските стратези се споменуваат актуелниот селектор на репрезентацијата до 21 година Мирсад Јонуз, помошникот на Катанец, Вујадин Станојковиќ, како и поранешниот селектор Никола Илиевски, а од странците се споменуваат прославениот украински фудбалски ас Олег Блохин, Турчинот Зија Доган и Србинот Стеван Остојиќ.

Покрај тоа, УО формираше Организациски одбор за прослава на големиот јубилеј 100 години фудбал во Македонија, а донесе и одлука со која се забранува регистрација на фудбалери по основ на премин од клуб во клуб, било тоа да е домашен или странски клуб во последните 7 кола во клубовите од сите македонски лиги.

Донесени се и одлуки за цените на мечевите со Норвешка и Исланд, кои ќе изнесуваат по 500 денари.

 

Copyright © 2009 selotejp.com