-->

15 американски конгресмени бараат поддршка од Клинтон за Македонија

Петнаесет конгресмени испратија писмо до американскиот државен секретар Хилари Клинтон во кое истакнуваат дека Македонија е еден од најверните и доверливи партнери на САД.

Предводени од конгресменот Бил Паскрел од Њу Џерси и Марк Саудер од Индијана, тие ја повикуваат американската администрација да го преразгледа придонесот на Македонија за стабилноста во јужен Балкан и придонесот на нашата земја во исполнувањето на целите на американската надворешна политика во Авганистан, Косово и на Блискиот Исток.

„Како што добро знаете, Македонија прогласи независност од поранешна Југославија пред повеќе од 15 години. Од тогаш Македонија поминува низ мирна транзиција од комунистичка држава во стабилна мултиетничка демократија. Земјата претрпе неочекувани тешкотии во процесот за признавање на нејзиното име од страна на еден сосед. Во врска со името на Македонија, Грција тврди дека терминот Македонија имплицира територијални претензии кон грчка територија. Владата на Грција останува на својот став и покрај неколку јавни изјави од страна на македонската Влада вклучувајќи и амандман во македонскиот Устав во кој се вели дека Република Македонија нема територијални претензија кон ниту една соседна држава. На 5 април македонскиот народ го избра Ѓорѓе Иванов за претседател на државата. Тој се обврза дека ќе работи со Грција со цел на надминување на разликите и изјави дека решавањето на спорот за името ќе биде негов прв приоритет како претседател“, се вели во писмото.

Конгресмените истакнуваат дека овие дипломатски тензии дојдоа во време кога Македонија ги исполни сите критериуми за членство во НАТО. Тие потсетуваат дека Македонија учествува во мисиите на НАТО во Авганистан и оти во моментов функционира како логистички центар за поддршка на силите на НАТО на Косово.

„САД мора да продолжат да ги охрабруваат нашите пријатели Грција и Македонија да седнат заедно и да се договорат за заеднички пат кон мир, помирување и партнерство во однос на јужен Балкан... Се надеваме дека ќе работиме со Вас во иднина со цел постигнување брзо и праведно решение за прашања како што се спорот со името за да има стабилност, просперитет и правичност за сите луѓе во регионот“, истакнуваат американските конгресмени во писмото до Клинтон.

 

Copyright © 2009 selotejp.com