-->

Потврдени 1.490 случаи за заразени со новиот вирус на грип во светот

Според новите податоци на Светската здравствена организација (СЗО) болните од новиот вирус на грип во светот се 1.490 лица.

Во Мексико бројот на починати од болеста достигна 29 лица, а заразени се вкупно 913 лица.

Во САД една жена од Тексас почина по тринеделен престој во болница. Тоа е вториот смртен случај во САД, додека заразени се 403 лица во 38 држави.

Во Канада вкупниот број на заразени е 165.

Во Европа најмногу заразени се уште има во Шпанија - 73 лица, 28 се заразени во Велика Британија, четворица во Франција, а во Германија има вкупно девет случаи на зараза.

Гватемала исто така го објави првиот случај на зараза.

СЗО објави дека ќе испрати 2,4 милиони лекови против грип во 72 земји.

Во Кина 70 Мексиканци кои беа ставени под карантин во четири градови вчера добија дозвола да се качат на мексикански чартер лет, кој дојде да ги земе.

Во Хонконг 300 лица се уште се под карантин во хотел. Карантинот беше прогласен минатиот петок и ќе трае една седмица.

Од превентивни мерки Москва го забрани увозот на свинско месо и од Велика Британија, откако истото го стори за месото од Шпанија, Канада и некои американски држави.

Мексико објави дека штетите нанесени на економијата на земјата поради новиот вирус на грип ќе изнесуваат 2,3 милијарди долари.

Поради потврден случај на зараза на американскиот воен брод „Дабјук“ се откажува неговата четиримесечна мисија во јужните делови на Тихиот Океан, соопштија американските военопоморски сили.

На бродот, кој сега се наоѓа во база во Сан Диего, има и уште 50 морнари, кои се со симптоми на зараза со новиот вирус на грип.

Досега имаше потврдени девет случаи на зараза со новиот вирус во американските вооружени сили, од кои пет се во флотата. нд

 

Copyright © 2009 selotejp.com