-->

Летувањето во Црна Гора годинава поевтино за 10 до 30%

Црна Гора за годинашната летна сезона најавува поевтина турстичка понуда и воведување директни авионски линии од Скопје до Подгорица и Тиват.

Причина за намалување на цените, како што беше речено на денешната презентација во хотелот „Александар палас“, е влијанието на светската финансиска криза.

- Подготвени сме да ја прилагодиме понудата спрема купувната моќ на турстите што во овој период е генерално намалена. Тоа, секако, нема да се одрази врз квалитетот на услугите. Хотелското сместување ќе биде поевтино за 10 до 30 отсто. Седумдневен аранжман ќе чини колку престој за шест дена, а двонеделен како да летувате 12 дена. Цените на приватното сместување, пак, се намалени за околу 20 проценти, рече црногорскиот министер за туризам Предраг Ненезиќ.

Ова не е година на остварување профит, додаде Ненезиќ, а Црна Гора, која досега била и ќе остане дестинација за секој џеб, мора да го зачува имиџот.

- На нашите посетители им овозможуваме да уживаат во природните убавини, да го видат нашето културно-историско наследство и да го почувствуваат гостопримството на домаќините, истакна Ненезиќ и додаде дека еколошката такса не е укината. За мали возила чини 10 евра годишно, додека за автобуси е 80 евра.

Според Саша Радовиќ, директор на Националната туристичка организација, Црна Гора е една од десетте најатрактивни туристички дестинации во Европа. Посебно е зголемен интересот за културниот и верскиот туризам.

Бројот на македонските трусти што ја посетиле Црна Гора во последните шест години е тројно зголемен. Само лани се евидентирани 250.000 ноќевања на гости од Македонија.

Амбасадорот на Црна Гора во Македонија Душко Лаличевиќ напомена дека политичките односи меѓу двете земји се исклучително добри, без ниту едно отворено прашање, но економската соработка воопшто не задоволува. Трговската размена, рече Лаличевиќ, е далеку под нивото на кое била во поранешна Југославија, но туризмот, како посебна гранка, сепак, бележи нагорен тренд.

Сите заинтересирани за летување во Црна Гора може да се информираат на интернет страницата www.montenegro.travel

 

Copyright © 2009 selotejp.com