-->

YouTube видеотека

Google планира да ја зголеми посетеноста на својот видео сервис YouTube со понуда на комплетните филмови од продукцијата на Sony.

Google со години е под голем притисок од организациите за заштита на авторските права поради што редовно го „чисти“ својот видео сервис YouTube од содржините кои не се дистрибуирани строго по законот. Во прво време се отстрануваше само видео материјалот, а сега се бришат и нелегалните аудио записи. Сосема е логично дека со овие потези YouTube ќе губи на посетеност, бидејќи сепак повеќе корисници сакаат да погледнат некој филм или музички спот, отколку видео клип во кој нечија мачка си ја брка својата опашка.

Токму затоа, Google започна преговори со Sony кои би можеле да резултираат со понуда на долгометражни филмови на YouTube. Истиот договор би бил од корист и за Sony бидејќи се повеќе издавачи влегуваат во бизнисот на онлајн дистрибуција на видео материјали. Профитот би требало да се реализира преку рекламите и да се подели меѓу партнерите. Тука се поставува прашањето дали може заработката од огласи кои се отвораат со страницата да биде доволна за бесплатна дистрибуција на еден скап филм. Одговорот е дека веројатно не може, барем не за сега, но Google и Sony знаат дека во иднина ваквиот начин на дистрибуција на филмови би можел да доминира на пазарот и дека сега е моментот кога треба да се завземат позициите.

Од наведените причини, веројатно е дека и Google и Sony би биле подготвени на помала заработка, а во прво време и можеби нула профит, со цел во иднина да ја имаат пол-позицијата на пазарот. Пред неколку месеци информиравме дека Google т.е. YouTube преговара со повеќе холивудски студија за вакви договори, а ова е прв конкретен договор кој веројатно ќе се реализира во блиска иднина.

Чекаме :)

 

Copyright © 2009 selotejp.com