И покрај тоа што сите го фалат Windows 7 сметајќи го како голем чекор напред во однос на непопуларната Vista, се чини дека во Microsoft сепак имаат причина за загриженост кога е во прашање новата верзија на нивниот ОС, а посебно кога се работи за бизнис корисниците.
Имено, според истражувањето на компанијата Dimensional Research која испитала околу 1.100 ИТ професионалци, повеќето компании воопшто не размислуваат за надоградба на својот оперативен систем на седумка. Па така, дури 83% од испитаниците одговориле дека ќе чекаат најмалку една година пред да се одлучат на нова верзија на Windows за своите компании.
Проблемот сепак не се наоѓа во Windows и неговиот квалитет, туку чисто од економска природа - компаниите би требало да надоградат илјадници компјутери со оперативен систем за кој би платиле повеќе од сто долари по компјутер, што во време на финансиска криза едноставно не е исплатливо.