Тинејџерот кој е одговорен за создавањето на интернет црвот кој се дистрибуира преку страниците на онлајн сервисот Twitter нема да биде казнет за своите (не)дела. Напротив, поради нив, со само 17 години доби трајно вработување.
Минатата недела низ се попопуларниот сервис и социјална мрежа Twitter на четири наврати се прошета еден интернет „црв“ наречен Mikeyy. Неговиот творец е седумнаесет годишното момче од Њујорк Мајкл Муни. Како што и самиот во неколку наврати изјави, црвот Mikeyy го направил од чиста досада, со цел сопствениците на Twitter да ги предупреди на сигурносните пропусти.
Достигнувањата на младиот хакер ги забележа Тревис Роуленд, основач на компанијата ExqSoft која се бави со развој на веб апликации. Поради покажаните способности одлучи да го вработи Муни, кој во компанијата ќе работи на анализа на сигурносните апликации кои компанијата ги изработува.
Мајкл Муни во меѓувреме, веројатно повторно од чиста досада низ интернет просторот пуштил уште еден црв, петта верзија на Mikeyy. Аман, побрзо вработете го детево, има премногу слободно време. И ако сте корисници на Twitter, внимателно. Пристапувајте на профилите на вашите пријатели со помош на некоја од апликациите како Twhirl и сличните на неа...