-->

Претставена новата генерација Range Rover

Land Rover пред неколку дена ја претстави новата генерација на луксузниот Range Rover, која во продажните салони ќе се најде кон средината на 2009-та година.

Новиот модел доаѓа со подобрени перформанси, возни карактеристики, како и со полуксузна изработка. За погонот на новата генерација Land Rover ќе биде задолжен потполно новиот 5-литарски LR-V8 бензински мотор, кој произведува 510KS. Новиот мотор и покрај тоа што има голема сила, сепак е релативно економичен и има намалена штетна емисија.

Во споредба со претходниот бензинец, 4,2-литарскиот V8 со компресор, новиот мотор има намалена потрошувачка за 7,9%, односно 14,9 литри на 100 километри, како и за 7,4% намалена CO2 емисија (348 грама на километар). Дизел алтернативата останува неизменета, 3,6 литарски TDV8 мотор кој развива 272KS.

Новата генерација на Range има изменети светла, предна маска и браници. Внатрешноста е преслечена во нова луксузна кожа, а покривот, како и внатрешните делови на вратата се збогатени со хромирани детали. Секако тука е и незаобиколното дрво, кое исто така е присутно на многу детали во внатрешноста на возилото.

Новиот Range носи и цела низа технолошки новитети, како на пример 12-инчниот екран осетлив на допир, кој има можност за прикажување на две слики истовремено, една за возачот, друга за совозачот. Со други зборови, возачот може да го користи истиот дисплеј и како навигациска мапа, додека на истиот екран совозачот гледа ДВД филм. Тука е и Portable Audio системот, кој овозможува приклучување на цела низа USB уреди кои можат да се управуваат со помош на интегрираниот аудио систем.

Land Rover исто така е опремен со бројни системи за помош при возење на најразлични терени, па така тука се Terrain ResponseTM и Stability Control системот, како и Adaptive Cruise Control, Trailer Stability Assist, Emergency Brake Assist, подобрениот Understeer Control, Blind Spot Monitoring, Automatic High Beam Assist (AHBA) и surround камера систем кој со помош на петте камери ви дава преглед на се околу вас, во пречник од 360 степени.

 

Copyright © 2009 selotejp.com