По повеќемесечното негирање на медиумските шпекулации, BMW Конечно ги претстави двата нови членови на М семејството - SUV X5 M и crossover X6 M.
Во очи на салонот за автомобили во Њујорк, претставено е монструозното дуо кое го движи новиот 4,4 литарски битурбо V8 мотор кој развива 555 КС при 6.000 вртежи/мин и 680 Nm вртежен момент од 1.500 до 5.650 вртежи/мин.
Истиот мотор ќе го замени атмосферскиот V10 во новата генерација M5. X5 M и X6 M до стотка спринтаат за 4,7 секунди и забрзуваат до електронски ограничена брзина од 250 км/ч. За менување на брзините се грижи новиот шестостепен автоматски менувач, додека силата се пренесува интегрално на сите четири тркала преку системот xDrive. Кај X5 М и Х6 М доработени се подвозјето, кочниците и управувачот.
Кога се во прашање "козметичките" зафати, новите М модели добија редизајниран преден и заден браник, проширени калници, странични всисувачи, четири излези за издувните цевки и 20 цолни алуминиумски фелни. Во внатрешноста, автомобилите добија стандардни М ознаки во облик на кожен спортски управувач, редизајнирани контролни плочи и спортски профилирани седишта.