Македонија да не се надева дека НАТО ќе ги промени правилата на одлучување за прием на нови членки и ќе може да добие покана без претходно да ги реши разликите околу името со Грција, порача холандската амбасадорка во Скопје Симоне Филипини, во интервју за Радио Слободна Европа, програма на македонски јазик.
- Да бидам искрена мислам дека никој не треба да смета на тоа. НАТО е организација која се темели на консензус и ќе продолжи да биде тоа. Нема сериозен дијалог во оваа фаза да се сменат правилата на играта. Всушност мислам дека засега проблемот со името е единствената пречка на патот кон НАТО интеграцијата на Македонија - изјави амбасадорката Филипини.Таа не ја исклучи можноста Грција да ја блокира евроинтеграцијата на Македонија, како во случајот со ветото за во НАТО.
Секако дека прашањето за спорот со името се испречува на патот и кон НАТО и кон ЕУ интеграцијата на Македонија. Ова прашање треба да биде решено пред членството во Европската унија, изјави Филипини.
Во врска со визната либерализација, Филипини наведе дека Холандија ќе се води од препораките што во новиот извештај ќе ги изнесе Европската комисија.