НЛБ Тутунска банка ја активира хипотеката на „Сведмилк“ со што практично ја почна постапката за наплата на своите побарувања. Ако во најкус рок кредитот не биде исплатен, млекарницата ќе оди на продажба со лицитација.
- Хипотеката е активирана зашто кредитот стана нефункцуионален. Предметот е даден на извршител кој согласно законот, ја продолжува процедурата. Ќе ангажира проценители кои ќе дадат проценка за цената на фабриката и со таа цена ќе се оди на лицитација и продажба на млекарницата, изјави денеска директорот на Тутунска банка Ѓорѓи Јанчевски.
Хипотеката може да се деактивира ако се врати кредитот, додаде Јанчевски, но тоа сега, со оглед на ситуацијата, најверојатно никој не ќе биде во можност да го стори.
- Тутунска има околу 9,5 милиони евра пласман во „Сведмилк“. Го пратеше секој ден од работењето на фабриката. Се направија сите напори да продолжи да функционира за да се враќаат кредитите и да се плаќаат каматите. Откако се исцрпија сите можности млекарницата да продолжи со работа, банката ги презема мерките за наплата на своите побарувања, рече Јанчевски.