Министерот за одбрана Зоран Коњановски, кој се наоѓа во официјална посета на Црна Гора, попладнево ќе присуствува на прием на бродот „Клакринг“ на морнарицата на САД во пристаништето во Бар, што го организира адмирал Марк Фицџералд командантот на Здружената команда на силите на НАТО во Неапол и командант на американската морнарица за Европа.
Како што јави известувачот на МИА, станува збор за неформална средба на која ќе присуствува државниот и воениот врв на Црна Гора.
Американската борбена фрегата „Клакринг“ ќе биде вкотвена во барското пристаниште три дена при што се предвидени повеќе активности со морнарицата на Црна Гора, како и соработка со локалните власти на хуманитарни проекти.
Министерот Коњановски и неговиот црногорски колега Боро Вучиниќ вчера по официјалните разговори ги потврдија одличните односи и договорија интензивирање на соработката меѓу двете земји кои делат исти стратешки цели – интеграцијата во НАТО и ЕУ.
На средба е дефиниран планот за соработка меѓу Македонија и Црна Гора во одбранбената сфера за 2009 година, кој опфаќа интензивирање особено во делот на обуката на припадниците на двете армии декларирани за учество во меѓународни мировни мисии со заемно користење на тренинг-центрите за потребите на црногорската, односно македонската армија, но и ја потврдува позицијата на Македонија на лидер и ментор во регионот на Западен Балкан во одбраната.
- Сигурен сум дека не само што стопроцентно ќе го исполниме тоа што го предвидува планот туку и ќе го натфрлиме затоа што со Црна Гора имаме појдовни основи да размислуваме и за нешто повеќе да направиме од она што сме го ставиле на хартија. Продолжуваме да бидеме лидери и ментори во регионот. Мислам дека можеме многу да придонесеме на патот на Црна Гора и на другите балкански земји кон НАТО затоа што ние тој пат кон Алијансата преку акциските планови за членство го имаме изодено, што е драгоцено искуство за секоја од нив, рече министерот Коњановски.
Тој се осврна и на неодамна спроведените избори во двете земји, со кои, како што истакна, и Македонија и Црна Гора го потврдија својот демократски и политички кредибилет и пратија јасна порака дека во наредните четири години ќе бидат фокусирани исклучиво на патот кон реформите и целосната ЕУ и НАТО интеграција.
Најави дека Црна Гора ќе и се приклучи на Македонија во мировната мисија во Авганистан со испраќање на медицински тим во рамки на медицинската група на земјите од Јадранската повелба распоредени во мисијата во таа земја. Тоа ќе биде прво учество во меѓународна мировна мисија на Црна Гора, која од 2006 година е членка на Партнерството за мир.
Според билатералниот план за соработка за годинава предвидени се и средби на ниво на началници на Генерал-штабовите на двете армии.
За време на престојот во Црна Гора министерот Коњановски се сретна и со претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ. Ја посети воздухопловната база на Војската на Црна Гора на воениот аеродром „Голубовци“, каде се запозна со дел од вооружувањето на хеликоптерскиот ескадрон.
Во рамки на дводневната посета делегацијата на македонското Министерство за одбрана ќе ги посети културно-историските споменици во црногорската престолнина, Цетиње и во Котор.