-->

Што е тајната на задните дифузори на Браун, Тојота и Вилијамс

Задните дифузори кои ги имаат тимовите на Браун, Тојота и Вилијамс, според многумина се “виновни” за добрите перформанси на овие тимови, а според другите тимови тие беа нелегални. После прогласувањето на легалноста, ние ќе ја откриеме “тајната” на подните спојлери.



На приложената слика, која е пример од дифузорот на тимот на Тојота, може да се види дека спорниот дел има неправилен облик, односно средниот дел е повисок од страничните, кои се во дозволената висина од пропишаните 175 mm.
Сепак, според правилата дозволени се зафати токму во спорниот централен дел и тоа 150 mm од средината (надолжната оска). На инженерите на трите спорни тимови им текнало дека тој централен дел (кој не е ограничен висински), можат да го спојат со дифузорот и така да добијат поголем проток на воздух и подобар downforce.
Тука законот не е изигран, бидејќи самиот дифузор е висок 175 mm, а додатниот отвор пак ја задоволува побараната ширина од 150 mm. Интелигентниот потег на Браун и Тојота им донесе прво и трето место во генералниот пласман по првите три трки и видливо добри перформанси на тимот на Вилијамс.



На примерот на дифузорот од тимот на Мекларен, јасно се гледа дека таков централен дел не постои, односно дека е присутен само дифузорот. На оваа слика може да се види и дека таквиот дифузор овозможува многу помал проток на воздух, што го намалува прилепувањето на подлогата, а со самото тоа и перформансите во побрзите свиоци.

Токму поради погоре напишаното, овие дифузори беа прогласени за легални. Впрочем, трите тимови кои ги користат, за цело време на зимските тестирања ја консултирале FIA и добивале позитивни одговори. Се очекува после доаѓањето во Европа и другите тимови да почнат да ги вградуваат спорните дифузори на своите болиди.


 

Copyright © 2009 selotejp.com