-->

Навивачи градат стадион


Навивачите на берлинскиот фудбалски третолигаш Унион на најдобар можен начин ја докажуваат својата верност кон клубот. Секојдневно ги засукуваат ракавите и помагаат во изградбата на новиот стадион.

Волонтери доаѓаат секој ден по работното време или кога имаат слободен ден и мешаат бетон, ставаат електрични кабли или ги заваруваат металните столбови, а некои од нив го жртвувале и годишниот одмор за да помогнат стадионот да биде готов на време.

„Околу 75 проценти од работата на стадионот е завршена“, изјви портпаролот на клубот Кристијан Арбајт, додавајќи дека во изградбата секојдневно помагаат околу 1.600 навивачи.

„Не можевме да замислиме дека ќе помагаат толку многу навивачи. Ни помагаат доктори, медицински сестри, професори“, вели тој.

Благодарение на помошта од навивачите, клубот досега заштедил околу два милиони евра.
ФК Унион беше принуден да изгради нов стадион откако Фудбалската федерација на Германија донесе одлука дека стариот стадион Алте Фоерстерај, на кој играа од 1920 година не ги исполнува безбедносните услови.

Управата на клубот одлучи да изгради нов стадион со капацитет од 23.500 гледачи, на истото место каде што е стариот стадион во источното предградие на Берлин, Кепеник.

 

Copyright © 2009 selotejp.com