-->

Поевтини летни одмори поради економската криза

Поевтини туристички аранжмани летово за над триесет отсто, предвидуваат домашните тур-оператори.

Причина – светската економска криза која ги остави полупразни хотелите во регионов. До крајот на април се прават резервациите за летната сезона, но ако по утрото се познава денот, тешко дека капацитетите ќе се пополнат. Турција, Грција и Бугарија не можат веќе да се надеваат на руските и туристите од Западна Европа. Нивното отсуство автоматски ја намалува цената на аранжманите.

- Се најавува од сите страни конкретно од Турција, Бугарија, Хрватска, Грција, се најавуваат попусти, затоа што не можат да сметаат на оние главни пазари кои ги полнат овие дестинации. Такви се Русија и западноевропските земји кои беа најважните клиенти - вели Иво Крстевски од туристичката агенција „Пилот“.

Намалување на цените веќе може да се забележи во „фрст минит“ понудите на хрватските агенции. Руските тур-оператори пак им дадоа ултиматум на црногорските хотелиери – или кратење на цените или нема туристи од Русија. Туристичкиот барометар покажува намалување на туристичките патувања во 2009 година за 2 отсто. Се проценува дека бројот на аранжмани во Бугарија летово ќе се намали за 20 отсто, во Хрватска за 30 отсто, додека во Грција од 30 до 40 отсто. Најдобра е ситуацијата во Турција каде се очекува пад од 5 отсто.

 

Copyright © 2009 selotejp.com