Македонска делегација предводена од министрите за одбрана и за внатрешни работи Зоран Коњановски и Гордана Јанкулоска, придружувани од началникот на ГШ Мирослав Стојановски денеска во Кабул на средба со војниците и старешините на АРМ во мисијата ИСАФ.
Тие ќе разговараат за нивните активности, условите за работа и можностите за подобрување на нивната опременост имајќи ги предвид бројните опасности со кои секојдневно се соочуваат вршејќи ја мировничката мисија.
Делегацијата во чиј состав се и членовите на собраниската Комисија за одбрана и безбедност Крсте Мукоски, Горан Сугаревски и Бесим Догани вчера се сретна со авганистанскиот министер за одбрана генерал Абдул Рахим Вардак кој упати огрмона благодарност до Република Македонија за помошта и поддршката што ја пружаат во стабилизација на мирот и демократизацијата на неговата земја.
Министерот Коњановски изјави дека Македонија не планира да го зголеми бројот на војници во ИСАФ, но доколку тоа биде побарано од НАТО Алијансата која го зајакнува присуството и безбедноста во земјата спроти претседателските избори закажани за август, ќе го разгледа таквото барање.
Министерката Јанкулоска, пак, посочи дека постои простор покрaј со учеството со безбедносните сили Македонија да се вклучи и во цивилни мисии во функција на поддршка на институциналниот развој и демократизација на таа земjа.
Посебна благодарност за Република Македонија изрази и командантот на ИСАФ генерал Давид Мек Киернан, кој на синоќешната средба со македонската делегација ги потвдри уште еднаш високите оценки за стручноста, максималната подготвеност и професионализам на македонските војници во извршувањето на задачите.
Македонија во ИСАФ учествува од август, 2002 година. Во моментов има 168 војници и старешини на АРМ распоредни во Кабул и во градовите под Регионалната команда - Север. Во мисијата се една механизирана пешадиска чета од 150 војници одговорни за обезбедување на командата на мисијата во Кабул, тројца штабни офицери и четиричлен медицински тим во болницата на аеродморот во главниот град. Дел од мисијата се и пет лица во состав на мешовитите оперативно-менторски тимови за врски и за обука на Авганистанската национална армија во Мазар – е Шариф и во Кундуз и медицински хируршки тим од шест члена во состав на норвешката болница како поддршка на Провинцискиот тим за реконструкција во Мајманах.
Во мисијата ИСАФ учествуваат околу 70.000 војници од 30-тина држави во светот, од кои над половината се американски војници. Спроти претседателските избори во земјата закажани за август, НАТО Алијансата најави зајакнување на присуството и безбедноста.