Фестивалски хитови, три македонски премиери, над 80 проекции - вака накратко изгледа програмата на 12. издание на Скопскиот филмски фестивал под мотото „Пролетно филмско будење“.
За свеченото отворање вечерва во „Кинотеката на Македонија“ најавен е филмот „Вики Кристина Барселона“ на Вуди Ален.
„Сите филмови се различни и оригинални авторски остварувања“, рече Иво Антов, директор на Скопски филмски фестивал.
До 29. април во кината во „Рамстор“ и во „Кинотеката на Македонија“ ќе бидат прикажани 30 играни филмови, програма на документарни, меѓу кои е и „Марадона“ на Емир Кустурица, потоа, кратки, музички филмови и источноевропски вестерни.
На доајенот на македонската кинематографија Бранко Гапо постхумно ќе му биде доделено признание, македонски премиери ќе имаат филмовите „Созерцание“ на Иво Трајков, „Плати и жени“ на Атанас Георгиев и „Изгрејсонце“ на Ѓорче Ставрески.
Покрај програмата на студентски филмови, режисерот Иво Трајков ќе одржи и работилница. Задача шо годинава си ја поставиле организаторите е да се врати фестивалската атмосфера на некогаш најпосетената манифестација во Скопје.
„Овде се случи некој вирус и луѓето што одеа во кино и што се занимаваа со кино, како да изумреа. Ќе треба трансплантација некоја нова да се направи, мислам дека ќе се дигне она што се вика фестивалска атмосфера, дружењето меѓу филмаџиите“, изјави Иво Антов.
Министерството за култура го поддржало фестивалот со два милиони денари, а градот со 400 илјади денари. Скопскиот филмски фестивал завршува со концерт на групата Дарквуд Даб.