-->

Адриано и официјално го напушта Интер

Интер е подготвен да го раскине договорот со Адриано откако Бразилецот го напушти тимот на почетокот од месецов поради репрезентативни обврски и повеќе не се врати во Милано.


Италијанскиот La Gazzetta dello Sport пишува дека агентот на бразилскиот напаѓач и Интер веќе постигнале договор за отпуштање од клубот, на кој се чека само потпис. Секако, тоа нема да предизвика незадоволство кај Адриано, бидејќи и самиот изјави дека сака да се одмори од фудбалот во родниот Бразил.

Потсетуваме дека Адриано му се приклучи на милански Интер во 2001 година, но беше позајмуван во Фиорентина и Парма. ВО сезоната 2004/2005 и 2005/2006 постигна дури 29 погодоци, но од тогаш нема забележано некој континуитет во играта, бидејќи истата наизменично ја менуваше од лоша во добра и обратно. Регуларниот договор на Адриано со Интер требаше да трае до 2010-та година.

Поддршка за одлуката на Адриано стигна од повеќе страни, како од менаџерите така и од играчите, меѓу кои се вбројува и неговиот сонародник Роналдо, кој помина сличен животен пат. Последните турбуленции и изјавата на Адриано дека тој го напушта фудбалот ги коментираше и бразилскиот селектор Карлос Дунга.

"Бев изненаден кога чув дека го напушта фудбалот. Неколку дена претходно беше среќен и насмеан. Вакво нешто воопшто не очекував од играч како Адриано. Претпоставувам дека бил под голем притисок кога ја дал оваа изјава, но сигурен сум дека ќе му недостасува зелениот тепих и ќе ни се врати", изјави Дунга.

 

Copyright © 2009 selotejp.com