Фармерите, кои имаат кредити од банките, а не ги плаќаат редовно поради проблемот со исплатата на предаденото млеко од „Сведмилк“, денеска од банкарите добија можност за репрограмирање на долгот откако ќе ги платат ратите кои им се заостанати.
Како што информираа по средбата во Федерацијата на фармери во Скопје, од банките добиле предлог да го вратат делот што го должат кон нив, а потоа да побараат репрограмирање на кредитот. - Долговите кон банките се големи. Должиме по осум рати кои не се отплаќани откако „Сведмилк“ престана да го исплаќа предаденото млеко, рече Драги Нечевски, кој додаде дека фармерите го продаваат сточниот фонд за да ги отплаќаат долговите што ги имаат и кон банките и кон ветеринарните станици и за храна за стоката.
Тој го повтори ставот на фармерите дека излезот од кризата го гледаат во активирање на млекарницата, а апелираат и до државата за помош преку репрограмирање на средства предвидени за рурален развој, како и со сточна храна.
- Најдобро е да се изнајде решение млекарницата „Сведмилк“ да опстане, да се вратат парите на фармерите за да се затвори целиот ланец каде должиме на банките, на ветеринарни станици, за храна на стоката, истакна Недим Касами и додаде дека во спротивно ќе се активираат поголемиот дел од хипотеките и оти од тоа нема да имаат корист ниту банките, ниту земјоделците.
Според него, најдобро решение е да профункционира млекарницата. - Доколку не се случи тоа ќе одиме во колапс, ќе се активираат поголемиот дел од хипотеките и нема да има никој корист, ниту банките, ниту земјоделците.