-->

Тревата на Вембли повторно ќе се менува

Тревата на лондонскиот стадион Вембли по шести пат ќе биде заменета, по оценката на тренерите на Арсенал Арсен Венгер и на Манчестер Јунајтед Алекс Фергусон дека лошиот терен влиајел на настапите на нивните екипи во ФА Купот.

Во полуфиналните натпревари од ФА Купот одиграни минатиот викенд на Вембли, Челзи во саботата го победи Арсенал со 2:1, додека Евертон ден подоцна го елиминираше Манчестер Јунајтед по подоброто изведување на пенали со 4:2.

Теренот на Вембли минатата недела беше нерамен и полн со дупки. Новиот стадион Вембли е отворен пред две години, чинеше 798 милиони фунти и стана најскапиот стадион на светот. Меѓутоа, големите бетонски блокови на трибините го кријат сонцето, поради што тревата не се суши доволно. Теренот дополнително го оштетуваат многубројни концерти, но и други спортски манифестации кои се одржуваат на Вембли.

Венгер изјави дека теренот е катастрофален, додека Фергусон рече дека тревата е "мртва", што ги спречувало екипите успешно да ја подаваат топката.

До крајот на сезоната ќе се одиграат неколку натпревари на Вембли, а по завршувањето на сезоната, стручните тимови ќе имаат само еден месец да постават поинаков тип трева на Вембли.

 

Copyright © 2009 selotejp.com