Солист на завчерашниот концерт на Македонската филхармонија беше извонредниот гитарист Морган Шимански од Мексико.
По извонредниот настап на руската пијанистичка ѕвезда Полина Асетинскаја, Македонската филхармонија понуди уште еден возбудлив концерт. Под наслов „Фиеста“, завчера во Домот на АРМ, присуствувавме на прекрасна изведба на дела од шпански и мексикански автори, претставници на 20. век, чиј дел од композициите првпат прозвучеа на македонската музичка сцена. Дела од Хуан Пабло Монкајо и Блас Галиндо, автори на т.н. мексиканска четворка, но и дела од најпрославените шпански композитори, Хоакин Родриго и Мануел де Фаља, како и едно од францускиот композитор Жил Масне, ја направија програмата на Филхармонијата сосема поинаква од онаа што вообичаено се нуди како редовен концертен репертоар.
Под диригентство на маестро Нил Томсон од Велика Британија, со Македонската филхармонија како солист настапи мексиканскиот гитарист Морган Шимански, кој го изведе популарниот Концерт за гитара и оркестар од Хоакин Родриго, популарен особено по неговиот лиричен и нежен втор став кој се изведува често и за различни инструментални состави. Шимански, покрај прецизноста и во техничка и интонативна смисла, покажа и вистинско чувство за романтика, пристапувајќи му на делото емотивно и страствено. Она што посебно треба да се истакне во изведбата на Концертот на Родриго, кој дојде по енергичната „Тророгата шапка“ од де Фаља, беа извонредните соло партии на дел од филхармоничарите од оркестарот.
Вториот дел од концертот продолжи во истиот сензибилитет и манир, со изведба на делата „Звуците на маријачи“ од Галиндо, Свита од балетот „Ел Сид“ од Масне и „Хуапанго“ од Монкајо, кои прозвучеа магично, динамично и компактно. Во рацете на Нил Томсон всушност, Македонската филхармонија секогаш звучи одлично.
Концертот на шпанско-мексиканска музика се покажа како одличен потег за да се разбие концертната, репертоарска монотонија. Т.н. класична музичка литература од латино-американската традиција досега кај нас навистина беше запоставена. (Т.И.)