Делегација на Министерството за одбрана предводена од министерот Зоран Коњановски на покана на неговиот црногорски колега Боро Вучиниќ, денеска ќе престојува во официјална посета на Република Црна Гора.
Како што соопшти Министерството за одбрана, Коњановски ќе биде примен и од претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ.
Предвидено е министрите да остварат тет-а-тет средба, по што ќе следат и разговори во полн состав на делегациите на двете земји за јакнење на соработката и довербата помеѓу двете земји, како и за понатамошно продлабочување на воспоставените билатерални релации во делот на одбраната.
За време на престојот во Црна Гора македонскиот министер за одбрана ќе ја посети воздухопловната база на Војската на Црна Гора на воениот аеродром „Голубовци“, како и фабриката „Тара“ во Мојковац.
Министерот Коњановски утре, на вториот ден од посетата, ќе присуствува на прием на брод на морнарицата на САД, организиран од страна на адмирал Марк Фитџералд, командант на Здружената команда на сојузничките сили во Неапол и командант на американската морнарица за Европа.
Предвидено е во рамки на дводневната посета на Црна Гора, македонската делегација да ги посети и културно историските споменици во црногорската престолнина Цетиње и во Котор.