Петмина повредени, од нив двајца полицајци, ова е епилогот по вооружената престрелка на булеварот Партизански одреди. Вчера во 9 и 30, неколкумина вооружени и маскирани напаѓачи упаднаа во експозитурата на “Прокредит банка”.
Со закани со оружје барале исплата на пари. Ги зеле сите 50 илјади евра колку што имало во сефовите на банката. На излезот од експозитурата биле пресретнати од полициските службеници кои биле известени од еден од вработените кој успеал да избега од вториот кат додека на приземјето на банката се одвивал филмскиот грабеж.
Напаѓачите отвориле оган по што започнала престрелката. Успеале да побегнат и преку мостот Гоце Делчев, скопското Кале успеале да побегнат кон граничниот премин Блаце.
Возилото Алфа Ромео беше пронајдено во близина на Визбегово, каде очевидци за полицијата тврделе дека напаѓачите се преместиле во друго возило.
Вториот автомобил со кој побегнале од пред банката беше пронајден на само неколку метри од граничниот премин, а во него имало и поголем арсенал на оружје. Двете возила беа пренесени на вештачење.
Хеликоптерите на МВР цел ден беа вклучени во потрагата. Полициски службеници со возила и специјално обучени кучиња го пребаруваа планинскиот терен додека граничниот премин Блаце беше под целосна опсада од специјалните единици на МВР.
Се проверуваа сите возила и на влез и на излез од државата. Претрес се вршеше и во делови од Скопје. Улицата Дижонска во населбата Чаир беше едно од редовните места каде полицијата врши претрес по вооружен инцидент.
Полиција имаше и на поголемите раскрсници. Случајните минувачи кои за време на престрелката беа во близина на експозитурата се вчудоневидени од она што го забележале, коментирајќи го настанот како бојно поле.
Во соработка со Косовската полиција, македонското МВР ја продолжува потрагата по засега непознатиот број на напаѓачи. Освен хеликоптерите на МВР вклучени се и воздухоплови од Косово.