-->

Македонија соработува со СЗО за свинскиот грип

Засега нема податоци дека вирусот на свинскиот грип се појавил во Македонија, регионот или во Европа, рече министерот за здравство Бујар Османи.

Свинскиот грип усмрти десетици лица во Мексико, а регистрирани се неколку случаи на заболени и во САД.

Министерот денеска учествуваше на вонредниот состанок на Комисијата за заразни болести на која присуствувале и претставници на Светската здравствена организација (СЗО) во Македонија.

Не треба да се создава паника меѓу граѓаните за сериозноста на оваа состојба, затоа што Министерството за здравство ги има сите потребни капацитети да се справи со состојбата и да ги преземе сите мерки за спречување на болеста, рече министерот.

На состанокот биле анализирани официјалните и неофицијалните податоци, кои што се добиваат до земјите погодени од смртоносниот вирус, како и капацитетите за спречување на болеста и справување со нејзината евентуална појава во Македонија.

Засега според официјалните податоци свинскиот грип е присутен во Мексико и во САД, а неофицијално и во Нов Зеланд.

Претставниците на Комисијата за заразни болести посочија дека вирусот е во фаза во која се пренесува од животно на човек и со лимитиран пренос од човек на човек.

Симптомите на вирусот се слични на грипот – покачена температура, чувство на студ и настинка

Министерот најави утре ќе се разгледа препораката за забрана на увозот на свежо свински месо во Македонија.

 

Copyright © 2009 selotejp.com