Претседателот на UEFA, Мишел Платини, најави покренување на иницијатива за најпрвин привремено, а потоа целосно прекинување на фудбалските натпревари во случај на расистички испади од страна на навивачите.
"Ќе дадеме предлог во случај на расистички извици од страна на навивачите натпреварите да бидат прекинати на 10 минути. Преку разгласот на стадионот, на публиката треба да и биде дадено официјално предупредување и образложена причината за прекинот", изјави Платини.
Тој додаде: "Доколку инцидентот се повтори, натпреварот ќе биде целосно прекинат. UEFA треба да заземе храбар став против расизмот на фудбалските стадиони. Тоа е идејата".
Идејата на Мишел Платини е инспирирана од неодамнешните навреди над 19-годишниот напаѓач на Интер, Марио Балотели, на дербито помеѓу Јувентус и Интер во Торино. Навивачкиот примитивизам на навивачите на Јувентус го чинеше клубот еден натпревар одигран пред празни трибини.
Клубот од Торино веќе му се извини на Балотели за поведението на своите навивачи, но сепак најави жалба до Спортскиот суд на фудбалскиот сојуз на Италија.