-->

Велики петок - ден на жалост во христијанскиот свет

Во сите храмови на православните цркви во светот денеска се одбележува Велики петок, Ден на страдањата и смртта на Исус Христос. Велики петок, наспроти вообичаеното одбележување на верските празници со свети литургии и пренесување на таканаречената бескрвна жртва се празнува со читање извадоци од евангелијата од делот кој ја опишува неделата на страдањата на Синот божји.

Според преданието, Христос починал на крст во „шестиот час на денот, а завесата на ерусалимскиот храм во истиот тој час се преполовила, сонцето се замрачило, мртвите станувале од гробови, а сите ѕвона се распукале“.

Од тогаш, на Велики петок бијат дрвени ѕвона, а камбаните не ѕвонат се до недела кога првпат ќе се огласи радоста на Христовото воскресение.

Одлуката за погубување на Христос на Велика среда ја донело Еврејското црковно собрание (Синедрионот), а тој бил пронајден и уапсен кај Гетсеменската градина, по Тајната вечера ноќта меѓу Велики четврток и Велики петок.

По импровизираното судење, Христос бил изведен пред Понтиј Пилат, римскиот намесник за Јудеја кој го осудил на смрт и го предал на народот.

Откако ја изрекол пресудата, Понтиј Пилат ги измил рацете и му се обратил на насобраниот народ со зборовите: „Јас не сум крив за смртта на овој праведник“.

Разбеснетиот еврејски народ кој го барал христовото распнување и смрт извикувал:„Крвта негова на нас и на нашите деца“.

Потоа, со венец од трње на главата Христос го носел својот крст до ридот Голгота каде е распнат и каде пред да испушти душа побарал прошка од Бога за своите џелати извикувајќи: „Оче, прости им зашто не знаат што прават“.

Времето на смртта и симнувањето на телото Господово од крстот во Црквата се одбележува со вечерно богослужење и со посебен ритуал на изнесување на покривката на посебно украсена маса пред олтарот кој го симболизира гробот на Христос. Потоа трипати се обиколува црквата со покривката што го симболизира Исусовотo погребување придружено со звуци на тропала.

Црвената прекривка на која се извезени слики од Господовото страдање стои пред олтарот и се целива до денот на неговото воскресение.

Правoславниот канон за Велики петок предвидува строг пост со вода, а многу верници на тој ден не пијат, ниту јадат до зајдисонце.

Покрај постот, на денот на христијанската жалост не се работи по дома, ниту на поле. Обичај е на тој ден да се вапцуваат велигденските јајца во црвена боја, која со симболичка смисла ја претставува невино пролеаната крв на Христос.

Според христијанското учење, страдањето му претходи на воскресението, а без страдање и смрт нема воскресение.

Веста за воскресението в сабота на полноќ ќе ја објават свештениците и архиереите на богослужбите во сите цркви и манастири на Македонската православна црква во земјава и во странство.

 

Copyright © 2009 selotejp.com