Скопјанецот А.Б. (37) се здобил со лесна повреда на главата од испукан куршум од пиштол, по расправија која настанала вчера околу 17.30 часот помеѓу него и М.А. (60) од СКопје, на ул. „Јајце“.
МВР денеска соопшти дека во врска со меѓусебно недоразбирање, настанала расправија помеѓу А.Б. (37), кој изведувал градежни работи во кругот на ОУ„Лирија„ и М.А.(60), при што во еден момент синот на М.А., Џ.А.(23), инаку сите од Скопје, извадил огнено оружје пиштол и испукал неколку куршуми во воздух.
Во соопштението се појаснува дека М.А. го зел пиштолот и испукал и тој неколку куршуми, при што со еден куршум кој рикошетирал, А.Б. бил погоден во главата.
Од страна на граѓани, А.Б. бил пренесен во Градската општа болница во Скопје за укажување лекарска помош, каде што било констатирано дека се работи за гребнатинка.
Увид на лице место извршила екипа од СВР-Скопје и во тек се мерки за целосно расчистување на случајот.