-->

Насмеаниот пајак пред истребување


Научниците се уште се обидуваат да ја објаснат мистеријата на пајакот што живее во тропските шуми на Хаваи, а чии шари фасцинантно оцртуваат насмеано лице. За жал, на ’насмеаниот пајак’ му се заканува целосно исчезнување.

Дека и природата има смисол за хумор зборува и фактот дека сите кои го проучувале животот на пајакот кој се смее, не ја тргнале насмевката од лицето.

Под научното име Theridion grallator, пајакот од тропските шуми на Хаваи има шари кои потсетуваат на „смешко“, што очигледно не му помага во борбата против природните непријатели. Имено, на смешниот членконог му се заканува истребување, пишува Телеграф.

„Постојат различни теории за тоа зошто пајакот развил такви црти на своето тело. Една од нив е и таа за ’збунување на непријателите’. Кога птицата ќе го види пленот кој никогаш порано не го забележала, на момент ќе се збуни, бидејќи не и е јасно дали станува збор за нејзина потенцијална храна или не. Пајакот може да го искористи овој ’момент за размислување’ и да побегне“,вели д-р Џорџ Оксфорд, биолог од Универзитетот во Јорк кој се занимава со проучување на најсмешниот пајак, инаку целосно безопасен за луѓето.

Сепак, теоријата за збунување на природните непријатели очигледно не функционира. Популацијата на овој вид пајак е се помала, а за тоа најмногу се обвинуваат видови птици на кои Хаваи не им е природно живеалиште, туку таму се доведени со човечка интервенција.

Насмеаниот пајак во меѓувреме стана маскота на островот и може да се најде на капи, маици или камиони, а тамошните конзерватори го користат и во кампања за заштита на природните видови.

 

Copyright © 2009 selotejp.com