-->

Како да ви успее диетата

Што ви е најтешко во диетата? Долготрајноста, слабите резултати, одрекнување и забава... За да избегнете разни пречки и искушенија, обидете се да направите неколку промени во својот живот и патем, научете како правилно да се храните.

Според зборовите на стручњаците, губењето тежина е многу едноставна математика. Половина килограм маснотија содржи 3 500 калории и ако сакате од тој баласт да се ослободите за една недела, потребно е да согорите 500 калории дневно. Генерален совет-јадете помалку и трошете повеќе.

Но, вие не сакате во трико да поминете 4 часа дневно, на справи и затоа совршено ќе ви одговара некоја од следните стратегии:

1. Пишувајте и сметајте. Запишувајте го секој залак што ќе го ставите во уста (вклучувајќи го и бисквитчето што сте го изеле чекајќи да зоврие водата за кафе). Некои искуства покажуваат дека слабеењето полесно им оди на оние кои запишуваат се што ќе изедат. Не заборавајте да ги забележите и сите активности со кои сте се занимавале во текот на денот (шетање, чистење на собите и станот, возење велосипед, пливање...).

2. Обидете се да јадете помалку, но почесто (на пр. на секои два часа) и тоа квалитетни производи. Така нема да добивате напади на глад. Квалитетно, во овој случај значи корисно и здраво. Во средината на претпладнето или попладнето, ќе ви одговараат 6-8 бадеми, лешници, ореви или парче јаболко.

3. Пола-пола. Петстотини калории помалку дневно полесно ќе постигнете ако 250 исфрлите од менито, а 250 потрошите со вежбање. Купувајте производи со помал процент на маснотии (млеко, јогурт, сирење), пробајте посни колачи, газираните напивки заменете ги со природна лимонада.

Со вежбање ќе стекнете мускулна маса, што позитивно ќе влијае на вашиот метаболизам (ќе согорувате повеќе калории дури и кога одморате). Ако и не сте спортски тип, прифатете го поимот-секојдневна активност. наместо со часови да разговарате по телефон, отидете до другарката, поканете ја на прошетка и најадени изнаприкажете се. Качувајте се по скали, а не со лифт, на колегата деловните документи однесете му ги лично, не ги испраќајте по мејл, до продавница одете со брзи чекори...

4. И пијалакот се смета. Во заблуда сте ако мислите дека “течните” калории се полесни. Овошните сокови, исто така имаат доста калории. Секогаш кога сипувате сок до половина чаша и го разредите со вода, сте заштедиле најмалку 100 калории. Шише вино крие 500 и повеќе калории и лесно може да се случи, се што ќе заштедите во текот на денот, да го надополните само за една вечер. Затоа планирајте однапред: ако ве очекува ноќна забава и знаете дека ќе испиете чаша-две вино, намалете калории на друга страна. На пр. цел ден пијте само вода или чај.

Секоја чаша минерална вода со која ќе замените некој овошен сок или напивка, ќе ви заштеди 100 калории, а кафе без млеко и двојно.

5. Заборавете на “брзата “храна. Гответе секогаш кога сте во можност. Ако сеуште не сте ја совладале оваа умешност, тоа нека биде ваша цел. Оброците подготвени дома во просек имаат по 400 калории помалку од готовата храна. Проретчете го јадењето во ресторант (таму чинијата со јадење има околу 1000 калории и тоа без леб, пијалак, предјадење и десерт). Не наоѓајте изговор во недостаток на време. Одберете неколку рецепти за чие подготвување доволно е половина час, а потребните производи секогаш чувајте ги во фрижидер или замрзнувач.

6. Колачите се навика. Вкусни, но лоши-создаваат некој вид навика. Обидете се неколку дена без колачи и ќе откриете дека повеќе не жалите по нив. Доколку не сте за нагли чекори, обидете се “благото” да го сведете на 150 калории дневно (30 гр. чоколада, топче сладолед, 2-3 кекси).

7. Гладта има големи очи. Не е важно само што јадете, туку и колку. Половина порција е огромен придонес во вашата диета. Количината на храна во чинијата да не биде поголема од тупаница. Во почетокот ќе чувствувате глад, но со време вашиот стомак ќе се навикне. Меѓу оброци грицкајте свежо овошје и зеленчук.

8. Ослободете се од стрес. Потврдена е врската помеѓу стресот, добивање вишок килограми и стареењето. Од стрес организмот се брани со кортизол, хормон што се обвинува за дебелеење. Научете да се одморате и релаксирате, што никако не значи седење пред телевизор. направете си ароматична купка, направете маникир и педикир, читајте, слушајте музика... Сепак, најдобро е ако можете да вежбате. Денеска сите толку многу седиме, што на телото навистина му недостасува-исцрпување со физичка работа.

9. Моќта на белковините. Нашето тело зема помалку калории од протеините, отколку од јаглените хидрати, иако белковините ни помагаат подолго да сме сити и да стекнуваме мускулатура додека слабееме. Обезбедете си 100 гр. белковини дневно, што значи мала порција (риба или месо со големина на дланка) за секој оброк.

Млечните производи со низок процент на маснотии исто така се добар извор на белковини.

Сепак, протеините не се семожни. Покрај нив, за квалитетна исхрана, потребни ви се и други производи, најдобро од се по малку. Секој ден по три порции леб, ориз или тестенини, две или три порции овошје и исто толку зеленчук.

Вешта замена

Ако наместо 100 гр. месо изедете исто толку риба, сте внесле близу 200 калории помалку. Половина вообичаен чоколаден колач, значи уште 100 калории помалку. Секогаш кога на леб намачкате џем наместо путер, сметајте дека сте профитирале за уште 100 калории. Разликата меѓу чаша обично и чаша обезмастено млеко е 70 калории. Толку ќе заштедите и ако наместо две испиете само една чаша пијалак.

 

Copyright © 2009 selotejp.com