-->

Турските Курди ќе бараат автономија од Барак Обама

Пратениците во турскиот парламент кои ја претставуваат прокурдската Партија за демократско општество (ПДО) ќе побараат од претседателот на САД Барак Обама автономија за југоисточна Анадолија, изјави претседателот на парламентарната група на ПДО Селехатин Демирташ.

Тој посочи дека курдските пратеници се надеваат дека Барак Обама ќе им помогне во разрешувањето на курдскиот проблем.

Обама на 5 април пристигнува во посета на Турција. Посетата на американскиот претседател на Турција ќе трае до 7 април.

-Обама во Анкара ќе се сретне со лидерот на ПДО Ахмет Турк, што е доказ дека САД ја прифаќаат курдската партија за страна во разрешувањето на курдскиот проблем, подвлече Демирташ.

Меѓу предлозите што курдските пратеници ќе му ги претстават на американскиот претседател е барањето за давање автономија за Курдите во југоисточна Анадолија, општа амнестија за ПКК и прифаќање на новиот Устав, со кој ќе се заштитат правата и слободите на Курдите во Турција, дополни курдскиот пратеник.

-Курдите не сакаат војна. Сакаме мирно решавање на проблемот преку обезбедување повеќе демократски права во Турција, изјави Демирташ.

Тој, меѓутоа, подвлече дека ПДО нема да ја повика ПКК да го остави оружјето.

 

Copyright © 2009 selotejp.com