-->

Фармерите го продолжија протестот пред судот и собранието

Фармерите од Скопско, Кумановско и Битолско кои денеска се собраа на мирен протест пред Владата, попладнево се упатија кон Судот, а оттаму кон македонското Собрание каде, како што изјавија, ќе бараат средба со претседателот Бранко Црвенковски.

Потоа планираат повторно да се вратат пред Владата каде очекуваат прием кај премиерот Никола Груевски. Најавија дека нема да отстапат до дефинитивно решавање на проблемот со неплатеното млеко.

Според нив, инспекциските служби кои го проверуваат работењето на поранешниот и сегашниот менаџерски тим, се намерно доведени во „Сведмилк“ сега, пред изборите.

- Не бараме ништо туѓо. Си ги сакаме нашите пари. Остануваме тука до крај, освен ако присилно не не избркаат, рекоа производителите.

Според Вујадин Жигиќ, фармер од Скопско, до први ноември 2008 година млекарницата на кооперантите не им исплатила четири милиони евра, но оттогаш долгот е значително зголемен.

- Инспекциските служби нема да го решат проблемот. Тоа е фарса пред избори. Не веруваме ниту во нив, ниту во судовите. „Сведмилк“ воопшто не е приватна фирма, тоа се наши пари, рече Жигиќ.

И покрај полициското обезбедување, протестот се одвива мирно без какви било проблеми.

Сточaрите добија покана да разговараат со заменик-претседателот на Владата Зоран Ставрески, но одбија, повторувајќи дека сакаат да се сретнат само со премиерот.

Првично беше најавено дека протестот ќе се одржи пред „Сведмилк“, но плановите се сменија порадни инспекциските контроли.

 

Copyright © 2009 selotejp.com