-->

Извесни две победи на ВМРО-ДПМНЕ и една на ДУИ

image

Завршија изборите и во петте последни општини во земјава, каде беа одложени поради временските неприлики во првиот и вториот изборен круг.

Гласањето помина мирно, но со одредени неправилности кои ги забележа набљудувачката асоцијација МОСТ.

Во општина Студеничани на денешното гласање во вториот круг за градоначалник според првичните резултати на ДИК Фати Исени од ДУИ освои 3479 гласови, а Исмет Тртовац од ПЕИ 2509 гласови. Резултатите се од обработени 100 проценти од податоците.

Целосно се обработени податоците и за општина Зелениково, каде според првичните резултати повеќе гласови освои Веле Груевски од Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 1344, од независниот кандидат Борче Гиевски кој освои 1250 гласови.

И за општина Долнени податоците се обработени целосно и според нив во вториот круг за избор на градоначалник Абдула Бајрамоски од ДУИ освои 3818 гласови, а Боше Милошески 3651 глас.

Во општината Маврово-Ростуше на денешното гласање според првичните резултати добиени по електронски пат Мукрем Мехмеди од Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 1999 гласови, а Икмет Ејупи од ДУИ 1493 гласови. Резултатите се од целосно обработени податоци.

Во општината Чучер Сандево според првичните резултати повеќе гласови освои независниот кандидат Јован Пејковски 2290. Воислав Киранџиќ од Радикалната странка на Србите во Македонија освои 1994 гласови. За оваа општина не се обработени податоците од едно избирачко место.

Првичните резултати за гласањето во овие пет општини врз основа на записиниците добиени од општинските изборни комисии ДИК ќе ги соопшти утре.

Граѓанската асоцијација МОСТ соопшти дека во текот на денот нивните набљудувачите констатирале повеќе случаи на семејно гласање на 11 гласачки места во општина Долнени, како и на три гласачки места во општина Студеничани, каде е забележано и нарушување на тајноста на гласањето во повеќе наврати.

 

Copyright © 2009 selotejp.com