-->

Јубилејна година на „Танец“ исполнета со богата концертна дејност

Секојдневната и концертната дејност годинава Ансам-блот за народни песни и игри на Македонија „Танец”,ќе ја посвети на значајниот јубилеј - шеесет години од основањето.

Шест децении исполнети со самопрегор и високо професионален однос кон негувањто и афирмирањето на македонските фолклорни достоинства.
Генерации и генерации уметници, играорци, песнопојци, инструменталисти и оние од техничко-раководниот персонал, од онаа првата, којашто ги удри темелите па се’ до денешнава, ги вградија своите придонеси во она што е “Танец”.

Ансамбл достоен на името што го носи, да биде предводник, да се сочува, сценски надгради и афирмира еден од значајните сегменти на националниот културен код што Македонецот со векови го создавал, за себепрепознавање и опстојување на балканската ветрометина.

Тоа е мисија што ги први горди не само “Танец”, туку и сите во Македонија и нашите во дијаспората, зашто, ако не беше тој, светот не ќе ги осознаеше непреценливите фолклорни вредности, што професионалните уметниците на ансамблот, секогаш ги манифестираат со високи уметнчки перформанси.
Ансамблот „Танец” цели шест децении испишува светли страници во своето уметничко дејствување, гордо чекорејќи по врвиците на фолклорната уметност. Притоа секогаш со мислата најубавото од македонското народно творештво да допре со сиот свој сјај ,до секого, дома и насекаде во светот.
Шестдецениското дејствување на ансамблот, е период исполнет со постојано истражување по се’ уште зачуваните фолклорни вредности и нивното оттргнување од времето на заборавот.
„Танец” располага со богата и разновидна програма, која на изворен план претставува конзервација на автохтоните фолклорни белези и програма со значајни сценско-кореографски постановки и прикази на обредно-обичајната архаика.

Со еден збор, повеќечасовни програми во кои се опфатени песни, инструментални творби, игри и оригинални костими од повеќе региони на етничка Македонија.
Својот богат програмски репертоар со сите специфичности на македонскиот фолклрен израз, со високи естетско-уметнички дострели, ансамблот ги има манифестирано на повеќе од четири ијлади концертни и фестивалски сцени во земјава и на разни меридијани во светот.
Ансамблот за кој многумина со право велат дека е подвижен музеј, е наш етно бренд и амбасадор на македонските културни достоинства.
Секој негов концерт е ново уметничко насладување,нова приказна за културниот идентитет на Македонецот.
Така се доживуваа концертите на „Танец” во изминативе шест децении, така ќе биде и во годините и децениите што следат.
Затоа што тој ја има благородната мисија да биде секогаш со почитувачите на традициите и неговите изведби дома. Да биде мост на духовна врска на нашинците од дијаспората со родното огниште. Да биде културен мисионер во светот, на она што е наше, автохтоно, создавано со векови на македонската почва.
Таква мисија ансамблот „Танец” ќе има и годинава, со пригодни концерти дома, на балканските простори и во Европа.
А јубилејната културна мисија започнува деновиве, со гостување меѓу нашинците и тамошниот свет во Торонто, Канада, во Чикаго, Детроит, Њу Џерси, Клевленд, Колумбус, на северно-американскиот континент.
Додека Народниот хор и оркестар при ансамблот „,Танец“, богатата песнопојна македонска традиција ќе ја претстават на меѓународен фолклорен фестивал во Маниса, Турција.

 

Copyright © 2009 selotejp.com