-->

Втор пакет на антикризни мерки на Владата

Владата усвои 70 мерки за ублажување на последиците од кризата. Мерките се поделени во три сегменти. Првиот ребаланс на буџетот, вториот поддршка на кредитирањето со 100 милиони евра обезбедени преку европската инвестициона банка и третиот се така наречените други мерки.

Со ребалансот буџетот се намалува за 9% или 173 милиони евра. Растот годинава ќе изнесува 1%, на исто толку е проектирана и инфлацијата. Ќе се одложи септемвриското покачување на платите за административците, се замрзнуваат и вработувањата во јавниот сектор, а ќе се кратат и сите останати трошоци.

Преку ЕИБ обезбедени се 100 милиони евра за поддршка на кредитирањето за микро, мали и средни претпријатија. Половина од парите за овие програми ќе одат преку МБПР половина преку комерцијалните банки од земјата. Основен услов за добивање кредит е да се задржи постојниот број на вработени.

Во таканаречените други мерки се вклучени намалување на трошоците за надоместоци за разни дозволи, потоа за транспортерите, за царинење, поедноставување на процедурите, итн. Владата одлучи да ги скрати парите за капитални инвестиции за некои нестопански проекти, но оние кои беа планирани во програмата за 2009 ќе бидат реализирани, меѓу нив и изградбата на црквата на плоштад. Предвидено е побрзо да оди раздолжувањето на државата кон фирмите, ДДВ да се плаќа на рати.

Буџетскиот дефицит и натаму останува 2,8%, а ќе се финансира преку задолжување кон комерцијални банки, издавање на евро обврзница или други начини кои ќе бидат утврдени деновиве. Важно е дека ќе се намали обемот на аукции со државни записи.

Овие мерки владата ги усвои во консултација со сите комори и експертската јавност.

 

Copyright © 2009 selotejp.com