-->

Фатени двајца македонски државјани во шверц на 60 кг. хероин

На граничниот премин “Деве Баир” полицијата во координирана акција со Царината пресече меѓународен канал за криумчарење наркотици. Против двајца македонски државјани се поднесени соодветни кривични пријави откако вчера се фатени со 60 килограми висококвалитетен хероин.

Хероинот спакуван во 117 пакувања со различна форма и големина, облепени со селотејп се пронајдени во камион „DAF” со скопски регистарски таблици, сопственост на приватната фирма ДПТУ„Енис-Транспорт” ДООЕЛ од Скопје, управувано од 35 годишно лице од Скопје и 42- годишен совозач од Арачиново, двајцата државјани на Р.Македонија.

Одземените пакувања се предадени на вештачење во Одделот за криминалистичка техника на МВР. Утврдено е дека се работи за висококвалитетен хероин, со исклучителен процент на чистота кој во малопродажба вреди повеќе од 3 милиони евра.

Хероинот според првичните сознанија бил натоварен во Турција заедно со останатата стока (радијатори и грејни тела), која требало да биде испорачана на Косово.

Против двајцата осомничени, до Јавното Обвинителство, ќе биде поднесена кривична пријава, за сторено кривично дело “Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”.

Оваа реализација, по вредност, практично претставува годинава најголем случај на “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”.

Натамошната истрага треба да покаже дали има и други инволвирани во овој случај со шверц на хероин.

 

Copyright © 2009 selotejp.com