Полицијата во содејство со инспекциските служби на подрачните единици на други министерства во текот на минатиот месец изврши осум акциски контроли на вкупно 51 угостителски објект и тоа три во Берово, по две контроли на подрачјето на Гевгелија и Кочани и една контрола во Кавадарци.
Во полициските контроли евидентирано е едно кривично дело „тешка телесна повреда“, како и 60 прекршоци од кои 49 се однесувале на непочитувањето на работното време согласно Законот за угостителска дејност. МВР денеска соопшти дека евидентирани се два прекршока по основ на Законот за обезбедување на имот и лица, како и прекршоци поради „присуство на малолетници во угостителски објекти по 24 часот“, „омаловажување на овластено службено лице“, „физички напад“, „предизвикување, поттикнување или учество во тепачка“, „оддавање на пијанство на јавно место“, „малтретирање, омаловажување, понижување и навредување на друг или вршење присилба кон друг“, „фрлање или кршење шишиња, чаши или други предмети“. Повеќето од прекршоците, односно 43 се регистрирани во угостителски објекти на подрачјето на Кавадарци.