-->

На прагот на сензацијата на 21-от век

Група на археолози верува дека е на патот до откривањето на гробницата во која се погребани Клеопатра и нејзиниот сопруг Марк Антониј.

Ископувањата во северен Египет недалеку од Александрија ги предводи најпознатиот египтолог во светот Захи Хавас и Кетлин Мартинез од Доминиканската Република, а истражувањата наскоро би можеле да доведат до пронаоѓање на гробницата на славната египетска кралица и нејзиниот љубовник Марк Антониј.

Досега е пронајдена исклесана глава на маж, дел од маска која му припаѓала на Антониј, кованици и други предмети кои потврдуваат дека на тоа место е погребан римскиот војсководец. Поради ова, археолозите веруваат дека во близина се наоѓаат и посмртните остатоци на неговата сопруга, според преданијата, најубавата владетелка во историјата на Египет. Аргументот кој оди во прилог на ова откритие е записот на хроничарот Плутарх кој забележал дека покрај Антониј е закопана и Клеопатра.

Археологот Мартинез започнала да се бави со проучување на судбината на љубовниот пар од хоби, а според зборовите на Захи Хавас, резултатите кои ги очекуваат може да бидат најголемото откритие на 21-от век, првото големо после откривањето на Тутанкамоновата гробница во 1922 година.

Имајќи во предвид дека е потебно продолжување на истражувањата, археолозите стравуваат дека би можеле да ја изгубат трката со времето, бидејќи во близина на локалитетот се наоѓа летното одморалиште на египетскиот претседател Хосни Мубарак, па поради неговото доаѓање на одмор локацијата би можела привремено да биде затворена.

 

Copyright © 2009 selotejp.com