-->

Италија ќе прифати 140 имигранти од турски брод

Италија се согласи да прифати околу 140 имигранти кои поминаа четири дена на турскиот товарен брод во Средоземното Море, додека таа држава и Малта водеа спор околу нивното згрижување.

Владата во Рим соопшти дека одлучила да ги прифати имигрантите од химанитарни причини. Двајца имигранти со хеликоптер се пренесени од бродот на брегот поради лоша здравствена состојба.

Турскиот брод во четвртокот, јужно од италијанскиот остров Лампедуза, им помогна на имигрантите во момент кога бротчето со кое патуваа од Африка наиде на невреме.

Италија тврдеше дека бродот се наоѓал во територијалните води на Малта која порача оти имигрантите треба да се однесат во најблиското пристаниште кое се наоѓа на италијанскиот брег.

Десетици илјади африкански имигранти секоја година им плаќаат на шверцерите големи суми за да ги префрлат до брегот на Италија. Бротчињата со кои тие патуваат често пати се превртуваат, па рибарите или воените бродови кои наидуваат на нив се принудени да ги спасуваат.

 

Copyright © 2009 selotejp.com