Дали им помина времето на конзолите за играње? Ако може да им се верува на творците на револуционерниот систем OnLive, наскоро за играње на најновите компјутерски игри ќе ви биде потребен стар компјутер и интернет врска...
При крајот на оваа година светот на PC игрите, дури и оние кои побаруваат прилично јаки хардверски конфигурации, ќе му биде достапен секому. Се што ќе ви треба за да ја заиграте најновата игра во HD резолуција и со сите активни опции ќе биде обичен компјутер, брз интернет и OnLive.
ОnLive е претставен оваа недела, а станува збор за сервис кој би можел да направи вистинска револуција во светот на гејмингот. Игрите кои се играат преку OnLive се вртат на сервер и сите податоци до корисникот се праќаат преку интернет кон компјутерот од кој играте, без оглед дали станува збор за некој персоналец, Мекинтош или обичен, ефтин нетбук. Доколку овој сервис заживее повеќе нема да морате да купувате нов компјутер на секои две-три години, константно да го проширувате со меморија, процесори или графички картици. Оптимистите најавуваат дека OnLive ќе ги уништи играчките конзоли и ќе го редефинира гејмингот.
Јавната бета верзија ќе биде достапна ова лето, за жал само за Американците, а цената сеуште не е објавена, иако се претпоставува дека ќе биде регулирана на база на месечна претплата.