Повторно откази во Google. Компанијата ќе остане без околу 200 работници, што е помалку од 1% од вкупно 20.200-те вработени во Google.
Ова е уште еден доказ дека рецесијата и глобалната финансиска криза не ги заобиколија ниту најголемите и најбогатите компании.
Иако Google минатата година ја заврши со заработувачка од повеќе од 4 милијарди долари, во оваа компанија се свесни дека годинава ќе биде тешка и за нив, па сакаат да ја заштитат својата профитна маргина и цената на акциите, поради што се одлучија за намалување на трошоците, односно - откази.
Аналитичарите предупредуваат дека ова тримесечје може да биде прво во кое Google може да забележи пад во профитот, но тоа се само претпоставки кои официјалните лица од компанијата не сакаат да ги коментираат.
Последните откази ќе ја погодат огласувачката дивизија на Google, која во периодот на големата експанзија вработи (според компанијата) премногу луѓе кои до сега ја работеа истата работа.