-->

Шест едноставни правила за вежбање

Сите треба да вежбаме, и тоа е добро познат факт. Но, веруваме дека ретки се оние кои во секојдневниот ритам успеваат да вметнат половина час било каков облик на вежбање. Недостатокот на време, пари или мотивација се само изговори кои треба да ги отфрлите од речникот и конечно да направите нешто за себе.

Правете нешто во што ќе уживате
Вежбањето не мора да значи дека ќе киснете во теретаната со часови. Не значи дека морате да потрошите многу пари на нови справи кои веројатно никогаш нема да ги користите. Правењето на било што што ќе ве размрда е далеку подобро од неправењето ништо. Пешачењето, на пример, можете да го практикувате било каде, во било какави временски услови. Возење велосипед, играње, работење во градината, чистење на домот, играње со децата во двор - сето ова може да биде дел од вашата дневна рутина.

Загревајте се пред тренинг
Пред вежбањето, без оглед на тоа каков облик на рекреација сте одбрале, многу е значајно да се загреете. Со истегнувањето ќе ја намалите можноста да ги оштетите мускулите и ќе го поттикнете протокот на крв. Ќе ја забрзате работата на срцето. За загревање оддвојте неколку минути - и веќе сте подготвени за тренингот.

Одредете го времето за вежбање
Многу е важно да одредите време кога ќе бидете физички активни. Во современиот свет сите помалку или повеќе имаат пренатрупан распоред во кој генерално се грижат за се друго освен за себе. Еднаш кога вежбањето ќе стане составен дел од листата на ваши дневни активности кои мора да ги направите, веројатно и ќе се придржувате до него. Бидете посветени, а ако ви е полесно да одржувате континуитет на вежбање во друштво, тренирајте заедно со некој ваш пријател или пријателка.

Запамтете: вежбањето ве полни со енергија
Иако ви се чини дека сте преуморни за вежбање, без оглед на се обидете се да го изработите вашиот дневен тренинг. Ќе бидете изненадени колку подобро ќе се чувствувате кога ќе завршите со вежбањето. Ќе се ослободите од стресот, а како што знаете, стресот е најголем причинител на губењето енергија.

Комбинирајте различни типови вежби
Како и се останато, и вежбањето може да стане досадно, а ако влезете во монотонија, многу веројатно е дека ќе се откажете со тек на време. Менувајте ја рутината, интензитетот или местото на вежбање.

Вклучете се во некој екипен спорт
Доколку навистина сакате да се посветите на своето тело, вклучете се во некој тимски спорт и тоа ќе биде најдобриот начин да истраете. Тенис, кошарка, одбојка - одлични спортови и супер начин и причина да излезете надвор, да правите нешто и да се движите.

 

Copyright © 2009 selotejp.com