Во последно време се почесто се говори за онлајн продажба на апликации за мобилни телефони, кои би требало да им донесат голема заработувачка како на компаниите - така и на нивните програмери.
По големиот успех на Apple App Store, отварање на свои онлајн продавници за апликации најавија и Microsoft, Nokia, Palm и RIM.
Но, се чини дека не е се така розево. По охрабрувачките најави од повеќето мобилни компании за свои продавници, се појави истражувањето на Skype, кое ќе го скрши сонот за брза заработувачка на многумина.
Резултатите од истражувањето покажаа дека повеќе од 70% од корисниците воопшто никогаш не симнале никаква апликација на својот мобилен телефон. Анкетата беше извршена на повеќе од 3.000 кросиници на мобилни телефони од САД, Јапонија, Шпанија и Велика Британија.
Од останатите интересни информации добиени од ова истражување, треба да издвоиме и дека 62% од корисниците не го гледаат својот телефон како додаток за својот компјутер, а само 23% од нив сметаат дека имаат иста или поголема контрола над својот мобилен телефон во однос на својот компјутер. Исто така, 67% од корисниците сметаат дека треба сами да одлучуваат кои апликации ќе ги имаат на својот телефон, наместо тоа да го прави нивниот мобилен оператор.