Нетбукот е океј доколку не ви смета малата брзина на целата машина и малите димензии. Asus конечно расчисти со бавните перформанси со новиот 1000НЕ нетбук кој е брз како струја...
Asus практично го измисли нетбукот како вид на компјутер, па затоа и не чуди што нивниот нов Еее РС модел 1000НЕ е машина која „секоја мајка би ја посакала за зет“. Компјутерот на прв поглед делува сосема обично и нетбукасто, но важното е тоа што се крие под хаубата. Во овој нетбук вграден е новиот 1.66 GHz AtomN280 процесор на Intel што кантата ја прави далеку побрза и хардверски посилна од претходната.
Овој процесор ги подобрува сите перформанси на системот, а нетбукот конечно е способен да продуцира HD видео без закочување и општ распад на системот. Подобрени се и батериите за кои Asus тврди дека траат 9 часа, но тестовите нормално тоа го демантираат и ги лимитираат на 5 часа работен век, што сепак е повеќе од доволно за повеќето корисници. 1000НЕ има вграден trackpad кој сеуште не сме го сретнале на ниту еден друг нетбук и кој функционира навистина совршено на овој компјутер.
Една од маните на компјутерот е лошата тастатура, но ова е генерален проблем на сите компјутери од овој тип. Тежината од 1.4 килограми исто така не е за занемарување.
Во малиот нетбук вграден е 1 гигабајт рам меморија и хард диск од 160 гига што е и повеќе од доволно за цената од 400 американски долари. Наскоро и останатите произведувачи би требало да ги претстават своите модели кои ќе го користат новиот Atom процесор на Intel, а тоа значи уште поефтини и подобри нетбук компјутери. Се надеаме дека ова ќе важи и кај нас.