-->

Завршува изборната кампања


Кампањата на политичките партии и другите учесници на четвртите претседателски и петите локални избори што ќе се одржат в недела на 22 март, завршува вечер на полноќ.

Партиите, коалициите и независните кандидати во изминатите 20 дена имаа можност да ги претстават своите програми пред електоратот и да образложат зошто ја бараат довербата од граѓаните. Изборната кампања ВМРО-ДПМНЕ ја завршува вечер со митинг во Струмица, СДСМ и Нова демократија во Скопје, ДУИ во Тетово, ДПА во Струга, ЛДП во Куманово, а независниот кандидат за претседател Љубе Бошкоски во Свети Николе.

Утре, денот пред гласањето е изборен молк. Право да го остварат гласачкото право во текот на утрешниот ден имаат 529 внатрешно раселените лица и 1.971 лице кои издржуваат казна затвор или се во притвор, како и болните и немоќните кои поднеле барање до ОИК и добиле одобрување за тоа.

Гласачките места в недела ќе бидат отворени од 7 до 19 часот. На претседателските и локалните избори право на глас имаат еден 1.792.082 избирачи евидентирани во Единствениот избирачки список.

Тие ќе можат својот глас да го дадат за еден од седумте претседателски кандидати - Имер Селмани од Нова демократија, Мируше Хоџа од ДПА, Нано Ружин од ДПА, Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ, независниот кандидат Љубе Бошкоски, Агрон Буџаку од ДУИ и Љубомир Фрчкоски од СДСМ.

Претставниците на локалната власт во 84 општини и во Градот Скопје, пак, ќе можат да ги бираат од пријавените 370 претенденти за градоначалници и од околу 700 листи со кандидати за членови на општинските совети.

Државната изборна комисија веќе го достави изборниот материјал до сите општински изборни комисии, кои до утре треба да го проследат до избирачките одбори.

Неделните претседателски и локaлни избори ќе ги следат досега најголем број домашни и странски набљудувачи. Од акредитираните 6.981 домашни набљудувачи, најголем број се од Граѓанската асоцијација МОСТ - 4.520. Меѓу 524 странски набљудувачи, најмногу се од ОБСЕ/ОДИХР - 297.

 

Copyright © 2009 selotejp.com