-->

ВМРО-ДПМНЕ повика на мирно и достоинствено гласање

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија денеска на прес-конференција ги повика политичките партии да покажат високо ниво на политичка култура, човечко достоинство и морален капацитет на неделните претседателски и локални избори, a граќаните мирно и достоинствено да излезат на гласачките места и да го остварат правото на глас.

- Ги повикуваме и симпатизерите и членовите на политичките партии, гласачите и сите граѓани на Република Македонија, мирно и достоинствено да излезат на гласачките места и да го остварат правото на глас, изјави на денешната прес-конференција Илија Димовски директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Власта доминантно, но и опозицијата не помалку битно, се одговорни за текот на изборите, додаде Димовски, потсетувајќи дека овие избори се клучни за Македонија и се од висок државен интерес, особено за нејзините евро-атлантски аспирации.

- Тие се претпоставка за добивање датум за почнување преговори за членство со ЕУ. Во недела, на 22 март, одлучуваме за нашата иднина и иднината на генерациите кои следат, и ја определуваме и иднината на Република Македонија. Решаваме дали Македонија ќе продолжи по патот на демократијата и просперитетот, или дали на тој трасиран пат ќе стагнира. Ова е процес кој зависи од сите субјекти, рече Димовски.

ВМРО-ДПМНЕ ја оценува изборната кампања како фер и позитивна на која граѓаните можеле да ги слушнат политичките погледи на партиите и кандидатите, да се запознаат со програмата и концептите за развој на општините и на Македонија.

- Мал недостаток е ниското ниво на политичка комуникација употребувана од страна на некои кандидати, како и појавите на неетичко и неконструктивно однесување на некои кандидати, преку обидите за внесување на непотребен страв меѓу граѓаните, рече Димовски. ВМРО-ДПМНЕ, како што посочи, ги предложи најдобрите кандидати, личности со висок политички и морален кредибилитет, со визија, знаење и умешност, за подобрување на животот на граѓаните.

 

Copyright © 2009 selotejp.com