-->

МВР без толеранција за сите кои ќе го попречат процесот на гласање

Министерството за внатрешни работи изготви оперативната акција „Избори 2009“, која е презентирана пред меѓународните претставници, а во насока на одржување мирни, фер и демократски избори утре, што е од големо значење за иднината на Република Македонија.

Од МВР најавија дека ќе се преземат сите мерки во рамките на законот и во ингеренции на полицијата граѓаните да можат мирно и без притисоци да гласаат согласно сопственото убедување. МВР нема да толерира никој што ќе се обиде да го узурпира ова граѓанско право, без разлика дали се работи за припадник или симпатизер на некоја политичка партија или обичен криминалец. Најавуваат дека нема да се толерираат ниту полициските или други службени лица кои евентуално би постапувале спротивно на наредбите и овластувањата од раководството на МВР.

Со распоредување на полициските службеници ќе почне обезбедувањето на самиот гласачки процес. Сите службени лица и полициските возила ќе бидат соодветно обележани, а полицајците ќе носат сини униформи и соодветни елеци, по кои ќе бидат препознатливи. Полицајците на терен ќе бидат во постојана врска со помошните штаботи во осум сектори, кои пак редовно ќе го известуваат оперативниот штаб.

За сите проблеми со кои би се соочиле граѓаните постојано ќе им стои на располагање и дежурниот центар за состојби и повикувачкиот број 192.

Засилено полициско присуство е предвидено за сите места каде во минатото се покажа дека постоеја и се можни инциденти. Во состојба на готовност ќе бидат и припадниците на специјалните единици.

Од МВР предупредуваат дека евентуалните инциденти и осомничените кои ќе бидат приведени на лице место ќе бидат истражувани и санкционирани по итна постапка.

Претходно се обучени целокупниот униформиран состав кој ќе учествува во обезбедувањето избори, како и на вештите лица од крим техника, кои би требало да ги обезбедат неопходните докази доколку дојде до несакани инциденти. Поделени се и 8.500 летоци со насоки за постапување на полицијата и е назначен полициски советник за директен контакт со ДИК. МВР во целост застана зад кампањите „Не си играј со иднината“ и „Не пукај на иднината“, на НВО.

Во врска со минатогодишните избори МВР расветли 57 случаи на нарушување на изборниот процес, за кои беа пријавени 212 сторители за сторени 86 кривични дела и поднесени 49 кривични пријави. Од работните места беа суспендирани 29 полицајци, а против 11 од нив се преземени мерки за кривичен прогон.

 

Copyright © 2009 selotejp.com