-->

Ватикан со антикампања против Ден Браун

Ватикан сериозно се подготвува за кампањата против филмот „Ангели и демони“ сниман според истоимената книга на Ден Браун, писателот кој сериозно го изнервира Ватикан и со претходното екранизирано дело „Кодот на Да Винчи“. Судејќи по случувањата околу минатиот филм и неговиот успех, може да заклучиме дека и овој филм ќе ја добие најдобрата бесплатна реклама.

Официјалниот ватикански весник „Avvenire“ минатиот петок објави текст во кој стои дека римокатоличката црква не ги одобрува ваквите филмови. „Torinsa La Stampa“ еден ден подоцна објави дека Ватикан наскоро официјално ќе повика на бојкот на филмот кој е режиран од Рон Хауард.

Ватикан и во 2006 година повика на бојкот на особено популарниот „Кодот на Да Винчи“ снимен по истоимениот роман на Ден Браун, а овој потег на филмот му донесе дополнителна заработувачка во вкупниот профит од 760 милиони долари. Интересно е дека филмската екипа побарала од црквата дозвола одредени сцени да бидат снимани во две католички цркви кои се клучни во приказната, но добиле негативен одговор. Црквата овој филм, исто како и книгата на Ден Браун ги прогласи за „навредливи кон Бога“.

Да се потсетиме, приказната за „Ангели и демони“ се врти околу древното тајно братство Илуминати кое тргнало во конечен осветнички напад кон католичката црква, напад подготвуван со векови. Во понатамошниот тек на настаните, симбологот од Харвард Роберт Ленгдон се здружува со ќерката на локалниот убиен свештеник, убавиот и таинствен научник Виториа Ветра. Во очајничка трка со времето, во лудиот лов на одамна заборавеното легло на Илуминатите, тие двајца јурејќи низ запечатените ватикански крипти, опасните катакомби, напуштените катедрали и најтајните светски гробници со заеднички сили се обидуваат да го спасат Ватикан од потполно уништување.

Филмот ќе се најде во кино салите ширум светот од 15-ти април. Во улогата на професорот Ленгдон и овој пат ќе се појави Том Хенкс.

 

Copyright © 2009 selotejp.com